На влезот од една истанбулска џамија, полиците кои обично се резервирани за чевлите на верниците, се наредени со пакети со тестенини, шишиња масло, бисквити – како во супермаркет.
Но, тие не се на продажба. Наменети се за сиромашните, тешко погодени од пандемијата на коронавирус. Знакот на прозорецот на џамијата вели дека секој што може треба да остави нешто, а оние кои имаат потреба да си земат нешто, пренесува Франс прес.
Абдулсам Чакир (33), имам во џамијата Дедеман во областа Сариер, дошол до оваа идеја да допре до сиромашните преку местото за богослужба откако Турција ги забрани масовните молитви во џамиите додека не помине ризикот од епидемијата.
Официјалниот број на смртни случаи во Турција од вирусот сега изнесува 2,259, а поголемите градови, меѓу кои и Истанбул, ќе бидат под строг режим на ограничено движење четири дена од четврток.
„По забраната на масовните молитви, дојдов до идеја да ја оживеам нашата џамија со тоа што ќе здружам добронамерни луѓе со лицата кои имаат потреба“, вели Чакир.
Младиот имам, кој ги зема производите од подот на џамијата и ги реди на полиците на влезот, вели дека е инспириран од културата на донирање во отоманскиот период наречен „добротворен камен“ – мал камен столб подигнат на одредени локации од градот за да ги поврзе богатите со сиромашните.
Во овој отомански систем, чија цел е да се даде хуманитарна помош достоинствено, без да се навредатсиромашните, побогатите луѓе оставиле колку што сакале пари во процепот на врвот на добротворниот камен. Оние што имале потреба го земале потребниот износ, а остатокот го оставале на другите.
„По пандемијата на коронавирус, размислувавме за тоа што можеме да сториме за да им помогнеме на нашите браќа кои имаат потреба. Инспирирани од ‘добротворниот камен ’на нашите претци, решивме да ги полниме полиците во нашата џамија со помош од нашите браќа кои можат да си го дозволат тоа “, рече Чакир, кој им помагал на сиромашните во неговата населба и пред почетокот на пандемијата.
Чакир закачува список на ѕидот на џамијата на кој граѓаните на кои им е потребна помош ги запишуваат своите имиња и телефонски броеви. Имамот подоцна го испраќа списокот до локалните власти кои проверуваат дали на луѓето навистина им е потребна помош, а неговиот тим потоа им испраќа порака дека можат да ја посетат џамијата и да добијат што им треба: максимум осум предмети.
„Навистина имам голема потреба од помош. Мојот сопруг не работи. Порано чистев куќи, но откако се појави вирусот, тие повеќе не се јавуваат. И претходно се запишав на списокот. Денес добив порака да земам помош. Навистина сме во тешка состојба “, вели Ѓулесер Очак (50).
Џамијата веќе две недели обезбедува услуги и дневно им помага на речиси 120 лица кои имаат потреба од. А на списокот се запишани повеќе од 900 луѓе. Најмногу две лица со маски и раквици влегуваат во џамијата и го земаат она што им е потребно додека други чекаат надвор, стоејќи на растојание едни од други.
„Повикуваме по 15 лица на секои половина час за да го почитуваме социјалното дистанцирање и да не предизвикуваме големи редици “, вели имамот.
Џамијата не прифаќа парични донации и наместо тоа добива пакети со помош.
„Производителите донираат. Мелничарот носи брашно, пекарот носи леб, дистрибутерот на вода носи шишиња вода “, објаснува Чакир.
Полиците на џамијата се полни со производи испратени од цела Турција, па дури и од странство.
„Секој прави сé што може за да им помогне на луѓето што имаат потреба. На пример, еден брат кој живее во Франција, испазарил преку интернет и ја упати помошта до нашата џамија “, вели тој.