Во анкета на Институтот Ифоп, затворањето дома, крајната заштитна мерка во отсуство на вакцина, се чини дека има негативно влијание врз целокупната хигиена на Французите, јави дописникот на МИА.
Речиси една десетина од жените повеќе не носи градник (8 отсто споредено со 3 отсто пред затворањето). Кај младите под 25 години, една петтина од жените одлучила да не носи градник(20 отсто).
Според истражувањето на Ифоп, две третини од Французите секојдневно имаат целосен тоалет на телото, во споредба со 76 отсто во јануари. А, бројките се уште пониски за луѓето кои се географски или социјално изолирани (49 отсто).
Според студијата, ова е доказ дека нивото на хигиена во голема мера зависи од изложеноста на погледот од други луѓе. Но, ако грижата за својот изглед се намалува со зголемувањето на социјалното дистанцирање, мажите и жените повторно се нееднакви во однос на личната хигиена.
Додека 73 отсто од жените во Франција продолжуваат да се мијат секојдневно, само 61 отсто од мажите го прават тоа. И, тоа е уште полошо кога се сами: само половината од нив секој ден поминува во бањата.
Мажите исто така престанаа редовно да ја перат долната облека.
Речиси сите жени (91 отсто), според истражувањето, се уште ја менуваат долната облека секој ден. Кај мажите, само 68 отсто секојдневно носат чиста долна облека.
Изненадувачки, оваа опуштеност, исто така, се зголемува со осаменоста за време на мерките за останување дома: 41 отсто од мажите во ваква состојба си дозволуваат да ја задржат долната облека од претходниот ден, наспроти 15 отсто од жените кои се затворени сами.
Експертите советуваат дека одржувањето на добри навики во однос на хигиената не е грижа само за чистотата.