Инфектологот Дидие Раулт тврди дека Ковид-19 би можел да биде „сезонска болест”

– Контроверзниот професор и инфектолог од Марсеј, Дидиер Раулт денеска повторно тврди дека  Ковид-19 би можел да биде „сезонска болест”. Според него, можно е во рок од еден месец, воопшто повеќе да нема случаи во поголемиот број на земји со умерена клима, јави дописникот на МИА.

Дидие Раулт, директорот на болничко-универзитетскиот центар од Марсеј, на ју-туб каналот на институтот за епидемија на коронавирусот вели:

-Можно е во рок од еден месец да нема повеќе случаи во повеќето земји со умерена клима.

Инфектологот од Марсеј оценува дека епидемијата е „во надолен бран”.

-Ако работите продолжат вака, се има впечаток дека она што беше една од можностите за оваа болест, односно да се каже дека таа е сезонска болест, ќе се реализира, предвидува професорот Раулт .

Тој како доказ за тоа вели дека „многу заразни болести се сезонски” и дека „респираторните вирусни инфекции во умерените земји се многу почести во текот на студената сезона”. „И тие обично прекинуваат на пролет”.

Раулт исто така е многу критичен кон управувањето со оваа здравствена криза. Осудувајќи ја „жестокоста на реакциите” за неговата работа со хлорокинот, смета дека е жртва на „начинот на гледање на земји кои се многу богати, кои не се навикнати да се соочат со нови болести за кои што треба да се донесат брзи решенија “.

Инаку во Франција од почетокот на епидемијата има 20 796 човечки жртви и веќе тринаесетти ден по ред бројот на пациентите на интензивна нега се намалува, ова најмногу се должи на рестириктивните мерки, сметаат експертите.

Треба да знаете
Последни објави