Пандемијата на коронавирус му помогна на бизнисот на „Нетфликс“, американски сервис за видео стриминг, кој во првиот квартал од годинава забележал нови 15,8 милиони претплатници, што претставува најголем квартален раст во историјата на компанијата.
Исто така, „Нетфликс“ во првиот квартал остварил приход од 5,77 милијарди долари, што претставува раст од 1,25 милијарди во споредба со првиот квартал минатата година. Вкупниот број на претплатници ширум светот сега е околу 182 милиона.
Најгледани содржини на „Нетфликс“ во првиот квартал биле документарната серија „Кралот на тигрите: Убиство, хаос и лудило“, реалното шоу „Љубовта е слепа“ и филмот „Спенсер конфиденшал“.
И продажбата на видео-игри во САД на месечно ниво, значително се зголемила во текот на март, бидејќи Американците се принудени да останат во своите домови поради коронавирусот.
Споредено со март минатата година, продажбата на видеоигри и конзоли за играње е зголемена за 35 проценти, достигнувајќи вредност од 1,6 милијарди долари. Ваков раст не е забележан уште од март 2008 година.