Данските партии бесни откако САД ветија финансиска поддршка за Гренланд

САД подготвуваат значителен пакет финансиска поддршка за Гренланд што ќе обезбеди засилен поттик за раст, соопшти американскиот амбасадор во Данска, Карла Сандс, во колумна во весникот „Алтингет“.

„Наша желба е да соработуваме со целото данско кралство за да ги промовираме претприемништвото и иновациите и со тоа да го стимулираме одржливиот економски развој на Арктикот“, напиша Сандс.

САД неодамна отворија конзулат на Гренланд со надеж дека ќе станат најпосакуван трговски партнер на Арктикот. Сандс напиша дека конзулатот во главниот град Нуук ќе биде почетна точка за зголемен, секојдневен контакт со народот на Гренланд.

Таа додаде дека во текот на изминатата година, американски дипломат патувал низ Гренланд за да размени мислења и да изгради контакти со секакви луѓе, студенти, деловни луѓе и со претставници од државната и локалната власт.

„Сега, кога нашето дипломатско присуство станува постојано, се надеваме дека ќе можеме да ги продлабочиме и зајакнеме односите меѓу САД, Гренланд и Данска“, напиша Сандс.

Покрај тоа, Сандс предупреди на „агресивната Русија“, за која се тврди дека го зајакнала својот воен потенцијал на Арктикот и на „алчната Кина што загадува“ и, наместо тоа, ја промовира американската визија за Арктикот, која, тврди таа, се заснова исклучиво на транспарентност, соработка и на демократски вредности.

Иако оваа проценка е повеќе или помалку доследна на онаа на данската разузнавачка заедница која постојано ги споменува Русија и Кина во својата проценка на заканите, и на главните медиуми во земјата, чии аналитичари и новинари имаат тенденција да ја потенцираат руската закана , плановите на САД не беа добро примени.

Според данските конзервативци, САД прилично отворено работат на поткопување на единството на кралството.

„САД многу отворено работат на поткопување на единството во кралството. Тие отсекогаш имале поголема слобода, но постојат граници и на крај можеби воопшто  нема да бидат присутни на Гренланд освен ако не ја запрат својата агенда. Ова е целосно неприфатливо“, се вели во твитот на портпаролот на конзервативците на Гренланд, Расмус Јарлов.

Според портпаролот за надворешни работи на социјал-либералите и поранешен министер за надворешни работи, Мартин Лидегард, Гренланд е геополитички интересен поради неговата местоположба на Арктикот, како и неговите природни ресурси, феномен што тој го опиша како експлозија на интересот за Гренланд и за Арктикот. Во исто време, тој ги предупреди жителите на Гренланд да не бидат наивни.

„Ако Американците решат да дадат финансиска поддршка, тоа е затоа што очекуваат да добијат нешто за возврат. Гренланд мора да одлучи дали сака да го прифати тоа“, рече Лидегард за Данското радио, посочувајќи дека сè уште му е тешко да се поврзе со пораката бидејќи не е јасно што точно опфаќа таа.

Либерално-конзервативната партија Венстре е попозитивна, но нејзиниот портпарол на Гренланд, Кристофер Мелсон, ја спомена својата резервираност.

„Имам впечаток дека Гренланд сака да привлече деловни инвестиции и да ја развива економијата, но на крај од него зависи до кој степен ќе се оствари соработката“, рече тој.

Минатата година американскиот претседател Трамп ја шокираше Данска со својата предлог за купување на Гренланд, понуда што данската премиерка Мете Фредериксен учтиво ја одби, објаснувајќи дека Гренланд не е на продажба.

Иако ужива широка автономија и е дом на „Туле“, најсеверната воздухопловна база на САД, Гренланд останува дел од данското кралство. До денес Гренланд е крајно зависен од годишната субвенција од 3,5 милијарди дански круни (510 милиони американски долари).

Изгледите за рударство и туризам остануваат попречени од недостигот од инфраструктура и крајно негостопримливата клима.

Треба да знаете
Последни објави