Иран успешно го испрати во орбитата својот прв воен сателит, јави денеска државната новинска агенција „Тасним“. Сателитот „Нор“ (Светлина) беше пуштен во орбита на 425 км над површината на Земјата преку двофазниот носач „Касед“.
Лансирањето, што го спроведе Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), доаѓа откако иранскиот министер за одбрана, Амир Хатами, во февруари ги отфрли обвинувањата на САД дека сателитските носачи може да се претворат во воени проектили и дека неодамнешното неуспешно лансирање на сателитот „Зафар“ било дел од ракетната програма на Иран.
„Лансирањето на сателитот и сателитскиот носач не се поврзани со ракетната програма“, истакна Хатами, кој вети дека и покрај противењето од некои земји, Иран ќе продолжи да ја развива својата сателитска програма.
Според Хатами, иако носачот нема никаква воена примена, сателитот би можел да се користи во одбрамбени цели од страна на Исламската Република. Тој исто така истакна дека иако Иран веќе развил бројни ракети, ниту една од нив не е дизајнирана да носи нуклеарни боеви глави, дури и ако Техеран ги има. Тој потврди дека Исламската Република не сака да развива нуклеарно оружје или средства за негово доставување.
Коментарите се појавија откако Иран не успеа да го испрато сателитот „Зафар“ во орбитата на 9 февруари бидејќи ракетата не постигна доволно забрзување.
„Лансирното возило успешно го лансираше сателитот „Зафар“ во вселената, но ракетата не можеше да ја добие потребната брзина за да го стави во орбита. Ќе бидат извршени неопходните работи за оптимизација за следното лансирање “, рече портпаролот на иранското Министерство за одбрана, Ахмад Хосеини.
На лансирањето му претходеа два други неуспешни обиди да се постави „Зафар“, дизајниран да собере податоци за земјотреси и други природни катастрофи од вселената во орбитата на Земјата.