Абдел-Маџид Абдел Бари, поранешен рапер од Велика Британија и борец на терористичката Исламска држава, бил уапсен во Шпанија каде што претходно бил прокриумчарен со брод како недокументиран мигрант, пренесува шпанскиот државен радиодифузер ТВЕ.
Во извештаите се сугерира дека британско-египетскиот џихадист – еден од најбараните странски терористички борци во светот – пристигнал во градот Алмерија пред неколку дена, а бил уапсен од антитерористичката полиција во понеделникот.
Шпанските власти го потврдија апсењето на Бари, но не дадоа информации за тоа како влегол во земјата. Видеоснимката објавена од полицијата покажа тројца мажи кои биле изнесени од еден стан од полицајците со прекриени лица.
Полицијата соопшти денеска дека нивните агенти спровеле антитерористичка операција која кулминирала со апсење на еден од најбараните странски терористи на ИД во Европа.
Полицијата соопшти дека Абдел Бари поминал неколку години во сириско-ирачката конфликтна зона и има и многу необичен каралтер и екстремно насилен криминален профил, што го привлекло вниманието на европската полиција и на разузнавачките служби.
Абдел Бари, Британец со египетско потекло и поранешен рапер од Маида Вејл во Лондон, е син на Адел Абдел Бари кој помогнал во убиството на повеќе од 200 луѓе во исламистички бомбашки напади во Африка во 90-тите години.
Пријателите посочиле дека тој подоцна се претворил во радикален ислам бесен на британските власти поради војните во Ирак и во Авганистан.
Раперот, познат како Лирицист Џин и Ел Џини, ѝ се приклучил на една радикална исламистичка група на Блискиот Исток уште во 2013 година, а потоа и на ИД објавувајќи фотографии од Рака во 2014 година. Според медиумите, тој бил еден од британските припадници на ИД кои ги чуваа, мачеа и обезглавуваа странските заложници во Сирија.
Абдел Бари првично се појави како осомничен во потрагата по Jихади Џон, кој го изведе обезглавување на затворениците на ИД, вклучувајќи го и новинарот Џејмс Фоли. На крај беше откриено дека Џихади Џон е лондончанецот Мохамед Емвази, една од бандата терористи познати како „Битлси“ заради нивниот британски акцент.
До 2015 година Абдел Бари очигледно се разочарал во ИД и откако побегнал од Сирија, по него се трагал во Турција. Истата година неговиот татко бил затворен во САД за неговата улога во бомбашките напади на Ал-Каеда врз амбасадите во Најроби и Танзанија во 1998 година.