Словенечката Влада ги претстави новите закони со кој се надева дека ќе ја заживее економијата погодена од епидемијата на коронавирусот и ќе им помогне на граѓаните полесно да ја поминат кризата.
Како што јави дописникот на МИА, Владата подготви два нови закони и тоа, еден кој е дополнување на првиот, донесен пред неколку недели и со него директно финансиски им се помага на граѓаните и втор кој е комплетно нов, а предвидува нови две милијарди евра за економијата, со цел да им се помогне на компаниите повторно да почнат со производство.
Премиерот Јанез Јанша, кој ги претстави законите, кажа дека со овие два нови ќе бидат опфатени сите ризични категории граѓани, а директен бенефит ќе имаат и компаниите.
– Специфична цел на предложените мерки е да се заштитат работните места, подобрување на социјалната положба на граѓаните, голема помош за самовработените, помош за научните установи кои работат на борбата против коронавирусот, подобрување на ликвидноста на компаниите, помош на земјоделците и сточарите, како и намалување на платите на функционерите. – потенцираше премиерот.
Тој кажа и дека Словенија е на средина во борбата со коронавирусот.
– Во борбата со вирусот сме на крстопат. Во голема мера успеавме да го спречиме неконтролираното ширење, но и покрај тоа имаме нови случаеви. За жал и бројот на починати и натаму расте. За околу две недели ќе имаме реална слика како сме се справиле со епидемијата. – изјави Јанша.
Премиерот најави и дополнителни укинувања на ограничувањата по први мај, секако доколку продолжи да се намалува бројот на новозаразаени со коронавирусот.
Новите законот по итна постапка ќе бидат испратени во Собранието на гласање.