Германските коалициони партии се согласија дека економијата е во неволја поради пандемијата, односно рестриктивните мерки, но тие вложуваат максимални напори за да тоа се чувствува минимално. Затоа воведоа нов економски пакет од 10 милијарди евра, како додаток на претходната програма од 750 милијарди евра. Германските медиуми пренесуваат дека една од најважните донесени одлуки е да се зголемат бенефициите кога станува збор за работа со скратено работно време, што е ефикасен начин да се зачуваат работните места, односно да нема отпуштања поради кризата. Тој надомест ќе биде зголемен на 70 проценти, што е 77 проценти за домаќинства со деца, сметајќи од април, и на 80 проценти, или 87 проценти за домаќинства со деца – од август до крајот на годината.
ДДВ ќе биде намален за угостителскиот сектор на стапка од 7 проценти, што ќе важи од 1 јули 2020 година до 30 јуни 2021 година. Оние што ќе останат без работа како резултат на кризата и имаат над 50 години, ќе добиваат парична помош 12 месеци, но само доколку претходно биле под задолжително осигурување најмалку две години. Невработени над 50 години ќе добиваат надомест 24 месеци, според тоа, двојно подолго. Сепак, за нив е услов тие да бидат осигурани најмалку четири години. Новиот пакет мерки вклучува и опремување на училиштата, за кои ќе бидат наменети 500 милиони евра, а ќе бидат платени и субвенции за студентите во износ од 150 евра.