Земјоделството и прехранбениот сектор во ЕУ ќе добијат посебни вонредни мерки за помош од Европската комисија (ЕК) за да се справат со последиците од кризата со коронавирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според анализите на ЕК овие сектори се силно погодени од санитарната криза и понуден е пакет мерки за поддршка, како помош за приватни залихи на млечни и месни производи, како и дозволи за самоорганизација на пазарот од страна на пазарните чинители во најпогодените област, како овошјето и зеленчукот, но и винскиот сектор.
-Последиците од кризата со коронавиурост се сѐ поопипливи во земјоделско-прехранбениот сектор, затоа одлучивме да реагираме брзо, покрај веќе донесените мерки од почетокот на кризата, изјави еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски.
Понудените дополнителни мерки треба да овозможат стабилизација на цените на пазарот и на производството, како и да обезбедат доволни залихи на храна во иднина рече комесарот.
-Новите вонредни мерки имаат за цел да ги поддржат најпогодени во земјоделско-прехранбениот сектор со тоа што ќе се справат со веќе констатираните поместувања на пазарот и идните ризици, уверен сум дека овие мерки ќе го ублажат товарот на пазарот, додаде комесарот.
Европската Комисија веќе донесе еден пакет мерки за помош на земјоделците со кои им се овозможуваат аванс за субвенциите, поголема финансиска поддршка и одлагање на роковите за аплицирање за помош.
Новите донесени мерки овозможуваат привремено суспендирање на строгите правила за конкурентност на Европската унија.