Новиот коронавирус се чини дека предизвикува ненадејни мозочни удари кај младите луѓе на возраст од 30 до 40 години, а кои немаат поголеми здравствени проблеми, објавија американски медицински извори.
„Нашата анализа покажа седумкратно зголемување на случаите на ненадеен мозочен удар кај помлади пациенти во последните две недели. Повеќето од овие пациенти немале други здравствени проблеми и престојувале во нивните домови со благи симптоми на Ковид-19, а во два случаи тие биле без симптоми“, изјави за Си-ен-ен за докторот Томас Оксли, неврохирург од болницата Монт Синај во Њујорк.
Една студија во Холандија открила и „исклучително висока“ стапка на формирање на крвни згрутчувања кај пациенти коишто се на одделенијата за интензивна нега.
Експертите во овој момент не знаат зошто пациентите со коронавирус имаат предиспозиција за формирање на згрутчување на крвта. Сепак, тие имаат впечаток дека ризикот од формирање на тромб кај пациенти со Ковид-19 е дури и поголем отколку кај другите пациенти во одделите за интензивна нега.
Една холандска студија на 184 пациенти со Ковид-19 во одделот за интензивна нега кои развија пневмонија покажа дека повеќе од 20 проценти имале проблеми со згрутчување на крвта. Во слична студија во кинески Вухан, формирањето на тромб кај пациенти со Ковид-19 е забележано кај 25 проценти од пациентите.