Официјален претставник на Министерството за обединување во Јужна Кореја ги отфрли тврдењата дека Ким Џонг-ун е болен додавајќи дека владата на неговата земја не забележала ништо необично.
„Не се забележани никакви необични знаци. Ние ги следиме севернокорејските медиуми и забележавме размена на писма меѓу лидери“, истакна официјалниот претставник.
Ким последен пат е виден на 11 април кога претседаваше со состанокот на владејачката Работничка партија.
Државната агенција КЦНА објави негова преписка со сирискиот претседател Башар ал-Асад, во која Ким му се заблагодарува на Асад за претходното писмо и му посакува добро здравје и голем успех, пренесе „Раша тудеј“.
„Ваквите докази ни покажуваат дека работите се одвиваат како и обично“, вели дипломатот од Јужна Кореја.
Шпекулациите за здравјето на лидерот на Северна Кореја се појавија на почетокот од неделава кога медиуми во Сеул објавија дека Ким е во животна опасност по операција на срцето.
Сепак, официјални претставници од Сеул ги негираат ваквите тврдења велејќи дека нема релевантни докази што би покажале дека тие се точни.