На Универзитетот во Оксфорд денеска почна тестирање на потенцијалната вакцина против новиот коронавирус на доброволци, а во истовреме повеќе од 80 научни тимови во светот работат на развој на таква вакцина.
Британскиот министер за здравство Мат Ханкок најави дека Универзитетот Оксфорд за проектот ќе добие 20 милиони фунти, додека за друг британски проект, за кој е ангажиран Империјал колеџ во Лондон, ќе бидат издвоени 22,5 милиони фунти.
Научниците од Оксфорд оценуваат дека до септември би можеле да бидат произведени еден милион експериментални вакцини, а Светска здравствена организација истакна дека за развој на безбедна вакцина потребни се најмалку од 12 до 18 месеци.
Истражувачите од Универзитетот во Берн најавија дека вакцината против новиот коронавирус би можела да биде подготвена до октомври, која сега успешно се тестира на глувци.
Клиничко испитување на вакцина против Ковид-19 одобрено е и во Германија, а во тестирањето ќе учествуваат 200 здрави луѓе на возраст од 18 до 55 години. Тие ќе примат различни варијанти на вакцината, на која заеднички работат фармацевтската компанија „Фајзер” и биотехнолошката фирма „Бајонтек”.
Во САД на почетокот од месецот почна тестирање на вакцината на компанијата „Иновио фармасјутикалз”, чиј развој е финансиран од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. Резултатите се очекуваат до крајот на летото. Исто така имаше и тестирање врз луѓе на вакцината изработена од американската компанија „Модерна”.
За прва фаза на испитување врз луѓе, кинеските власти пред неколку дена одобрија две вакцини, што беа развивани на државниот Институт за биолошки производи во Вухан односно на биотехнолошката компанија „Синовак” од Пекинг.
На 10 април компанијата „Кансино бајолоџиз” објави дека заедно со кинеската Академија за военомедицински науки е прва во светот влезе во втората фаза за развој на вакцина против Ковид-19.
Во Русија, каде официјално е одобрено лекување на инфицираните лица со антималарискиот лек – хидроксихлорокин, најавено е клиничко испитување на една вакцина врз група од 60 доброволци. Испитувањето треба да почне кон крајот на јуни.
Американската биотехнолошка фирма „Новавакс” заедно со австралиската компанија за клинички испитувања „Нуклеус нетворк” следната недела ќе почне тестирање на уште една вакцина против Ковид-19, додека индискиот Институт за серуми во соработка со американската компанија „Кодаџеникс” ќе тестира друга вакцина до септември или октомври.
Тестирање на вакцина против Ковид-19 најави и израелската компанија „Мигвакс”, која во мај ќе ја тестира вакцината на глувци, а на луѓе во текот на летото.