Околу 2,7 милиони граѓани на Италија ќе се вратат на работа според нацрт-планот на италијанската влада за постепено покренување на работењето во Италија, каде што по неколкунеделната блокада е забележан рекорден број на закрепнувања од вирусот Ковид-19 во еден ден.
Италијанската влада работи на планот што од 4 мај ќе им овозможи на луѓето да се движат надвор од општините каде што живеат, но во рамките на регионот, а излегувањето од блокадата ќе доведе и до повторно отворање на парковите.
Компаниите и деловните објекти ќе имаат време да се подготват за работни услови, кои вклучуваат, меѓу другото, нови смени, заштитна опрема за работниците, задолжителна дезинфекција и термоскенери.
Со следниот чекор на италијанската влада, околу 2,7 милиони луѓе се враќаат на своите работни места, додека другите ќе продолжат да работат од дома ако тоа го дозволуваат деловните активности.