Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) го поддржа партискиот потпретседател и поранешен вицепремиер Авдулах Хоти за кандидат за нов премиер на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одлуката на Претседателството на ЛДК беше донесена на денешната седница, свикана од партискиот лидер Иса Мустафа, откако вчера претседателот на државата Хашим Тачи, по консултациите со парламентарните партии, објави дека ќе го додели мандатот за нов премиер на партијата или субјектот кој ќе го обезбеди потребното мнозинство во Собранието за формирање нова влада.
Тачи вчера ја покрена иницијативата за формирање нова влада, откако пред еден месец Собранието му изгласа недоверба на кабинетот воден од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти.
Со оглед дека Курти и ВВ, како партија победничка на изборите од октомври минатата година, не одговорија на повторените барања да именуваат кандидат за премиер, Тачи им се обрати на другите парламентарни партии, а денеска официјално побара од Мустафа, како лидер на партијата која на изборите беше второрангирана, да го предложи новиот мандатар.
Сите косовски парламентарни партии, освен ВВ на Курти, се согласија дека на земјата ѝ е потребна нова влада, која ќе биде избрана од посточекиот парламентарен состав.
ВВ тврди дека нова влада во ваква ситуација може да се формира единствено по вонредни парламентарни избори, кои треба да се одржат откако ќе помине епидемијата на Ковид-19. Курти синоќ најави дека доделувањето на мандатот на друга партија ќе го оспори пред Уставниот суд на Косово.
ЛДК на Мустафа веќе оствари разговори со опозициските Алијанса за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај и објави дека, заедно со нив и со партиите на немнозинските етнички заедници, може да ја формира идната влада.