Српската опозициска Партија за слобода и правда (ССП), чиј лидер е Драган Ѓилас, денеска најостро ја осуди одлуката на српските власти да не земаат стотици милиони евра помош од Европската комисија и ги обвини дека се задолжуваат „кај шеикот”, затоа што трошењето на овие пари, за разлика од парите добиени од Европа, никој не ги контролира, јави дописникот на МИА од Белград.
– Босна и Херцеговина доби 250 милиони евра, Црна Гора 60 милиони, Северна Македонија 160 милиони, Албанија 180 милиони, само Србија не сака, наведуваат од ССП.
Во соопштението од ПСС се истакнува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ најверојатно ќе каже дека тоа е така „затоа што сме најпаметни и затоа што не ни требаат пари бидејќи имаме милијарди на сметката”.
– Но, тој нема да ни каже дека истовремено донел одлука да се задолжи неколку милијарди евра и тоа по десет пати полоши услови отколку што ги понуди Европа, затоа што кога ќе земе пари од шеикот преку Фондот за развој на Абу Даби, тогаш никој не го прашува како и каде се трошат парит, а кога се земат пари од Европа, тогаш тоа така не може да биде, се наведува во соопштението на ССП.
Од оваа партија соопштија дека ќе продолжи да проверува „како Владата го троши секој динар државни пари и дека ќе се одговаа за секоја злоупотреба”.
Европската комисија вчера усвои предлог пакет за макрофинансиска помош од три милијарди евра за земјите во процесот на проширувањето, за да им помогне во ограничувањето на последиците со кризата со пандемијата на коронавирус, а Србија е единствената земја во регионот која не е опфатена со помошта од ЕК.
Министерот за финансии Синиша Мали рече дека на Србија не и е потребна помош затоа што има стабилни јавни финансии.