Во Велика Британија ќе продолжат мерките за социјална дистанца меѓу луѓето до крајот на годината, најави владиниот советник за здравство, професор Крис Вајти. Тој вели дека е нереално да се очекува животот одеднаш да се врати во нормала.
Вајти објаснува дека идеалниот начин би бил преку високо ефективна вакцина или лекови да се лекува болеста. Но, тој предупредува дека шансата да ги добиеме во следните месеци до крајот на оваа година се многу мали.
„Оваа болест нема да се искорени, нема да исчезне. Значи, ние мора да прифатиме дека имаме работа со болест со која ќе се соочуваме на глобално ниво…во блиска иднина“ рече Вајти на брифингот за коронавирусот во владата.
Последните податоци за Британија покажуваат дека починале 759 луѓе од коронавирус во болниците, со што вкупниот број на починати изнесува 18.100.
Вајти им порача на Британците да не очекуваат по пикот наеднаш да опадне бројот на починати.
Владиниот советник за здравство, но и други ескперти често предупредуваат дека единствениот безбеден и долготраен начин за надминување на епидемијата е откривање на вакцина или на ефективни лекови.