Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, е информиран за политичкиот договор за формирање нова влада во Израел, но потсетува дека ЕУ не отстапува од своите ставови околу анексијата на палестинските територии, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Европската Унија повторува дека секаква анексија ќе претставува сериозно нарушување на меѓународното право. ЕУ ќе продолжи од блиску да ја набљудува состојбата и нејзините пошироки импликации и ќе се однесува соодветно, стои во реакцијата на ЕУ по формирањето нова влада во Тел Авив.
Последните години израелските власти продолжија да ја шират територијата на земјата на палестинско тло, спротивно на сите резолуции на Обединетите Нации.
ЕУ потсетува дека не го признава израелскиот суверенитет на палестинска територија.
ЕУ е подготвена да соработува со Израел во борбата против пандемијата на коронавирусот.