„Кина не криеше за ширењето на коронавирус, така што САД не треба да ги малтретираат властите во Пекинг на начин што потсетува на европските колонијални војни од 19 век“.
Ова го изјави кинескиот амбасадор во Лондон, Лиу Сјаоминг.
„Слушам многу шпекулации и дезинформации за тоа дека Кина ја прикривала епидемијата, дека нешто криела од светот. Тоа не е точно“, рече Лиу, а пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Тој посочи дека кинеската влада била транспарентна и бргу ги споделувала информациите.
„Апсурдно е што судовите во некои земји ја тужат Кина. Некои политичари, некои луѓе сакаат да бидат светски полицајци. Ова не е ера во која Кина е полуколонијално, полуфеудално општество“, истакна дипломатот.
Тој изјави дека ваквите луѓе сè уште живеат во старите времиња и сметаат дека може да ги малтретираат Кина и остатокот од светот.
„Кина не е непријател на САД. Ако сметаат дека Кина е непријател, тогаш избрале погрешна цел“, рече Лиу.