Ковид е „вирус-убиец”, кој нема брзо да биде елиминиран, поради што властите мора да бидат крајно внимателни при релаксирање на рестриктивните мерки и постепеното економско заживување, порачува доктор Жихан Тавила, шефица на канцеларијата на Светската здравствена организација во земјава.
Таа потенцира дека процесот на релаксирање на мерките мора да се одвива во рамнотежа меѓу социо-економските бенефити и здравствено-епидемиолошкиот ризик.
-Врвот на заразата не треба да го очекуваме на крајот од април, туку во наредните неколку недели, бидејќи никогаш не се знае како ќе се однесува вирусот, особено по омекнувањето на рестрикцијата за движење, вели Тавила во интервју за ТВ Клан Македонија.
Според неа, ние сме сега во најкритичниот месец и како што посочува, допрва, во наредните недели, треба да се очекува пикот на епидемијата. Уште неколку земји, додава шефицата на СЗО, се во иста ситуација, што значи дека допрва треба да го почувствуваме импактот на вирусот со целата негова сила.
-Пред се пикот не треба да го очекуваме на крајот од месецов. Да, има такви калкулации, но никогаш не може да се знае како ќе се однесува вирусот. Особено не откако ќе дојде до релаксација на строгите мерки кои се во сила. Сепак се надеваме дека ќе стигнеме до пикот што е можно побрзо, јас би рекла во следните неколку недели. Но транзицијата во „нова нормала” е само по себе ситуација. Нема да преминеме кон сосема нормална состојба. Инструкциите велат дека без внимателно планирање и во отсуство на постепеност на исполнување на клиничките капацитети, како и со предвремено укинување на мерките за меѓусебно дистанцирање – најверојатно ќе се заврши со неконтролирано разгорување на заразата. Уште повеќе заразени и силен втор бран. Затоа СЗО вели дека транзицијата од овие рестриктивни мерки треба да оди во фази, на тој начин што ќе се овозможи извесно економско заживување, но исторемено ќе продолжат мерките за потиснување на вирусот. Значи со ставање приоритет на оваа рамнотежа меѓу социо-економските бенефити и здравствениот епидемиолошки ризик од вирусот. Тие чекори се всушност шест услови. А токму тоа Владата сега го прави, ги анализира тие услови за релаксација на мерките, за да не дојде до нагло олабавување и враќање на вирусот, вели Тавила.
Владата, пред се, потенцира таа, треба да не увери дека има контрола на ширењето на заразата.
-Не можеме да го искорениме вирусот, засега не можеме да зборуваме за негова елиминација. Вирусот ќе остане со нас некој период. Но тоа што треба да го стори Владата, Министерството за здравство и епидемиолошките институции, е да имаат целосна слика и да кажат дали го контролираат пренесувањето на болеста, за да не дојде до експлозија на инфекцијата. Второ, на Владата и велиме – внимавајте, грижата за економската ситуација не значи дека не треба да продолжите со градење капацитети, како во болниците, така и во јавните здравствени институции. Се треба да функционира за да се идентификува, да се тестира, да се влезе во трагите на вирусот и да се изолираат контактите. Овој процес не треба да назадува, туку треба да се интензивира откако ќе почне олабавувањето на мерките, смета Тавила.
Според шефицата на канцеларијата на СЗО во земјава, досега имало добра серија активности преземени од Министерството за здравство и Владата. Тие, вели, ги следат насоките дадени од СЗО, во сите аспекти.
-Да не беше така ќе имавме ситуација со која здравствениот систем немаше да може да се справи. Немаше да бидат прегледани сите пациенти и ќе се случеше голема трагедија. Но ситуацијата е под контрола, можам да ве уверам, со оглед на се што се случува околу нас. Сепак, не треба да го минимизираме ризикот од натамошна трансмисија на болеста. Мора да се грижиме за луѓето со кревко здравје, за постарите, за домовите за стари луѓе. Не треба да дозволуваме групирање, ниту укинување на превентивните мерки. Треба да продолжиме со физичкото дистанцирање, со миењето раце. Досега сето ова требаше да го научиме.Овие навики се од животна важност. Би сакала на Македонците да им порачам дека треба да останат обединети, ангажирани и кога ќе почне транзицијата, најавена постепено од Владата. Ако не го поддржат тој процес, може да дојде до големи проблеми, вели Тавила од СЗО.