Поранешните словенечки премиер Марјан Шарец најави дека неговата пратенички група ќе поднесе интерпелација за министерот за економија Здравко Почивалшек, поради случајот со набавката на заштитна и медицинска опрема, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Шарец на социјалните мрежи објасни дека причина за интерпелацијата е сомневање за големи не правилности во работата на министерството што го раководи Почивалшек, кое станало евидентно по писмото на разрешениот директор за стоковни резерви Антон Закрајшек, во кое наведува дека за сите набавки, кои се покажале како спорни, согласност дало министерството.
– Бевме конструктивни на почетокот на работата на оваа Влада, но сме изиграни. По последните случувања е повеќе од јасно дека ќе поднесеме интерпелација за министерот Здравко Почивалшек. – напиша Шарец.
Инаку, во Словенија веќе е започната и истрага поради тоа што се констатирани измами при набавката на заштитни маски и медицинска опрема која е потребна во борбата против коронавирусот. Дел од нарачаните и платени маски никогаш не пристигнаа во земјата, а дел беа хартиени, односно неупотребливи.
Пред неколку денови, сега веќе поранешниот директор на Заводот за стоковни резерви, кој е во изолација бидејќи е заразен со коронавирусот, беше разрешен од Владата поради неправилностите при набавките на опремата, а тој со писмо одговори дека за сите склучени договори, било информирано и дало согласност токму Министерството за економија.