Германската канцеларка Ангела Меркел одржа говор во Бундестагот, при што зборуваше за борбата против пандемијата на коронавирус и строгите мерки што се воведени во Германија.
„Денешните 80-годишници и 90-годишници ја изградија оваа земја и ги поставија темелите на благосостојба во кои денеска живееме“, рече Меркел во својот говор.
Таа додаде дека смета оти вакцината би требало да биде достапна во целиот свет.
„Во оваа ситуација на борба против коронавирусот уверена сум дека мораме да покажеме голема дисциплина за подоцна да можеме што поуспешно да ја подигнеме економијата и да одржиме прифатлива здравствена ситуација. Воведувањето на мерките за ограничување на почетокот на пандемијата значеше и значи можност ширењето на вирусот да го ставиме под контрола и со тоа се водев при одлучувањето“, порача Меркел.
„Нашиот федерален поредок е силен, тоа мора да се нагласи. Но, не смееме да се препуштиме на лажната надеж и сега да го пропуштиме она што досега го постигнавме. Да бидеме мудри и внимателни во следната фаза од пандемијата. Ова е трка на долги патеки и мораме да внимаваме да не останеме без здив“, вели канцеларката.
Според неа, Германија не може да успее ако не успее Европа.
„За затворање на општеството во оваа ситуација се потребни и сила и желба за да се воведе нов начин на однесување. Во овој момент не можеме да кажеме како ќе закрепне нашата економија, која ќе биде загрозена сè додека трае пандемијата. Затоа е многу важно да ги поддржиме и економијата и нашите работници. Но, сите наши мерки на национално ниво нема да дадт плод ако не дојде до закрепнување на европско ниво. Германија не може да успее ако Европа не успее“, нагласи таа.
Меркел истакна дека денеска во Европскиот совет ќе расправаат како Европа може брзо да реагира за да помогне на европската економија. Европската програма за инвестиции во следните две години би можела повторно да ја подигне економијата, објасни Меркел и додаде дека таквата програма треба да биде во согласност со заедничкиот европски буџет.
„Мора да се прашаме кои стратешки способности во иднина треба да ги има ЕУ. Европа не е Европа ако не си помогнеме едни на други во овие вонредни времиња и под закана на долгови“, канцеларката на Германија го заврши говорот, кој бил повеќепати прекинат со аплауз.