На Петтата авенија во Њујорк, на само неколку блока од Централ Парк, се наоѓа познатата Трампова кула, која американскиот претседател ја изградил во 1983 година. Во неа се сместени не само деловните простории на Трамп, туку и раскошниот пентхаус што тој го избрал за свој примарен дом. Ги опфаќа последните три ката од кулата и се проценува дека вреди 100 милиони долари.
По својот дизајн личи на Версајската палата, така што не е изненадувачки што импресионира веќе од влезната врата, украсена со злато и дијаманти. Во дневната соба владее совршена симетрија – мермерни sидови, орнаменти во златна боја, луксузен мебел во стил на Луј XIV, кристални лустери, коринтски столбови.
Просторијата е украсена со класични уметнички дела: бронзена статуа на Ерос и Психа на масата и репродукција на барокна фреска од Аурора над белиот мермерен камин. Исто така, има грчки вазни, повторно, во совршена симетрија.
Доминантната златно-бежова палета ја прекинува понекое големо тропско растение.
Големите прозорци нудат спектакуларен поглед од 66. кат на кулата кон Централ Парк и соседниот Њу Џерси.
Како и остатокот од станот, трпезаријата на Трамп е опремена со мебел од Луј XIV и позлатени предмети како послужавник, чаши и шолји поставени на стаклена трпезариска маса.
Работната соба на Меланија Трамп е опремена со луксузен мебел, а не помалку импресивен е и погледот од собата. Над троседот е репродукција на сликата на Реноар „Ложата“. Меланија дизајнира накит за компанијата QVC од 2010 година, а нејзините колекции го носат потписот „М“.
Раскошниот ентериер на пентхаусот на Трамп ја создаде реномираниот дизајнер Анџело Донгиа, кој дизајнираше за Ралф Лорен, Лајза Минели, Дајана Рос и други познати личности во текот на 70-тите и 80-тите години. Дизајнерот починал во 1985 година и постхумно е ставен во Холот на славните дизајнери на ентериер.