Во фазата на постепеното укинување на рестриктивните мерки во Грција, експертскиот тим во Министерството за здравство ја разгледува можноста да се воведе употреба на маски во затворени простори, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека го очекуваат конечниот предлог на Специјалната комисија од надлежното министерство, односно нивните појаснувања во однос на „начинот на употреба на маските, особено во јавниот превоз и на други места каде што неопходно ќе има доста народ”.
Научниците и професорите од Специјалната комисија на експерти од Министерството за здравство на Грција на вчерашниот состанок, меѓу другото разговараа и за употребата на маските од страна на населението во затворени простории, а како што соопшти професорот епидемиолог Сотирис Циодрас, денеска или утре ќе следат специјалните упатства.
Во изминатиот период, препораките во Грција беа дека не е потребно лицата кои немаат симптоми да носат маска, но сега, би можело употребата да се препорача како додатна мерка за да се спречи веројатноста за дополнително ширење на вирусот во затворен простор, од едно асимптоматично лице на друго.
Професорот Циодрас истакнува дека е од голема важност носењето маска да не создаде илузија на безбедност и да се занемари личната хигиена, но посочува и дека е потребна правилна употреба за да нема контра ефект.
-Но, потребна е голема внимателност. Илузијата дека маската е безбедна, илузијата дека е безбедна мерката што се однесува на растојанието, без да се одржуваат хигиенските мерки, не помага. Сметам дека секој од нас треба во џеб да има антисептично марамче, антисептичка течност и добро да ги мие рацете. Не можам да замислам да се користи маска без претходно да се стави антисептик на рацете. Или да се вади маската без претходно да стави антисептик на рацете или добро да се измијат. Бидејќи главната порака е да се избегне е допир на лицето, што многу лесно може се случи доколку се користи памучната маска на погрешен начин, објасни Циодрас.
Министерот за инфраструктура и транспорт, Костас Караманлис, во интервјуто за грчката телевизија „Мега”, утрово рече дека разговараат со Министерството за здравство за маските да бидат задолжителни во јавниот превоз.