Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, смета дека кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус може да им даде на владите на некои земји изговор за употреба на репресивни мерки кои не се поврзани со пандемијата и предупреди дека може да настане криза на човековите права.
Гутереш објави извештај на ООН во кој објаснува на кој начин да се почитуваат човековите права во време на здравствената, социјалната и економската криза со која се соочува светот.
Генералниот секретар на ООН рече дека вирусот не прави дискриминација, но ефектите се дискриминаторски.
„Ние гледаме непропорционално влијание врз одредени групи, зголемување на говорот на омраза, таргетирање на ранливите групи и ризик од остри одговори на безбедноста што го поткопуваат здравствениот одговор“, рече Гутереш.
Во извештајот на ООН се вели дека мигрантите и бегалците се особено ранливи групи. За повеќе од 130 држави се вели дека ги имаат затворено границите, а само 30 се изземени од забраната за барање азил.
Кризата може да биде повод за некои земји да усвојат репресивни мерки кои не се поврзани со пандемијата, рече Гутереш, додавајќи дека тоа е неприфатливо.
Гутереш ги повика владите да бидат транспарентни и одговорни пред јавноста и истакна дека граѓанските слободи и слободата на печатот се клучни.