Во услови на вонредна состојба, денеска Советот на Општина Аеродром ја одржа 39-тата седница онлајн.
На седницата, меѓу другото, беше донесена одлука за ослободување од закупнина на корисниците на деловен простор на подрачјето на Општина Аеродром за време на вонредната состојба. Исто така, советниците изгласаа доделување финансиска поддршка на Црвен крст на РСМ за справување со КОВИД 19. Во таа насока беше донесена и одлуката за користење средства од постојната резерва од буџетот на Општина Аеродром за 2020 година со намена за преземање мерки и активности поврзани со кризата.
Исто така, Советот на Општина Аеродром на Полициската станица Аеродром ѝ додели на привремено користење подвижни ствари без надоместок со цел справување со коронавирусот.