Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора го осудува однесувањето на докторите од Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид, кои не овозможиле здравствена заштита на пациентот Мавлуле Ибрахими од с.Татеши Струга со симптоми на Ковид 19, која побарала здравствени услуги.
Покрената е иницијатива за поведување на постапка пред Судот на честа при Лекарската комора, кој е независен и надлежен орган на Комората да расправа за одговорноста на докторите за сторена повреда на Кодексот на медицинската деонтологија.
„Во конкретниот случај тие постапиле несоодветно и несовесно со што го имаат нарушено угледот и достоинството на лекарската професија како и моралните принципи, чесност и неопходна преданост кон вршење на медицинскиот повик и дисциплина во извршување на лекарската професија. Согласно етичките принципи докторот е обврзан да укажува медицинска помош и да ја покаже својата хуманост на секој пациент кој ќе се обрати за лекарска помош до стручни лица“ соопшти Лекарската комора.
Комората уште еднаш апелира до докторите на медицина и до сите здравствени работници, да се однесуваат како што доликува на докторската професија професионално, одговорно и разумно.