„Во овие тешки моменти, кои на светско ниво ги донесе оваа пандемијата и здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, токму овие начела на почитување и солидарност се понеопходни од кога и да било. рамазанските празници се денови во кои се грижиме за другите, пред се за слабите и немоќните, како и за нашите највозрасни, кои претставуваат меморија и мудрост на нашата заедница”, пишува премиерот Спасовски во честитката по повод почетокот на рамазанскиот пост.
Спасовски нагласува дека во светиот месец на постот, на соочувањето со искушенијата, преку одрекувањето и воздржувањето се покажува и највисока грижа за другите, и порачува дека годинава треба да се прифати дека рамазанските денови треба да се поминат во потесниот круг на семејството, и на тој начин да го заштитиме здравјето на нашите роднини, пријатели и комшии, но и нашето здравје.
„Во најблагородниот и најсреќниот месец за муслиманите и во духот на љубовта, трпението, несебичноста и дарежливоста, да се справиме со предизвици и да ублажиме последиците предизвикани од коронавирусот”, вели во честитката по повод почетокот на рамазанскиот пост премиерот Спасовски, со желби деновите на рамазанскиот пост верниците да ги поминат во слога и спокојството на домот, во добро здравје и духовна сила.