До Централниот регистар се поднесени вкупно 78.486 годишни сметки за 2019 година, соопшти денеска директорката Марија Бошковска Јанковски.
Како што рече Бошковска Јанковски на прес-конференција во Владата, Трговскиот регистар има поднесено 60.810 годишни сметки и 3.720 субјекти поднеле известување дека немале деловна активност или вкупно 64.530 трговски друштва. Од нив, 43.672 се микро субјекти, 19.506 се мали, 852 се средни и 500 се големи. Притоа, 44.798 субјекти оствариле добивка при своето работење, а 19.732 оствариле загуба.
-Кај банките и другите финансиски институции кои се големи субјекти, годишни сметки поднеле 29. Од нив, 24 оствариле добивка, а пет загуба. Од осигурителните компании 17 поднеле годишни сметки. Од нив 11 работат со добивка, а шест со загуба. Од непрофитните организации, пак, до Централниот регистар се доставени 3.406 годишни сметки, 3.098 имаат вишок приходи, а 308 имаат непокриени расходи, информира директорката.
Според Бошковска Јанковски, од самостојните вршители на дејност се поднесени 10.504 годишни сметки, од нив 8.697 оствариле нето приход пред оданочување, а 1.807 загуба пред оданочување.