Многу е важно кога гледаме податоци, тие да бидат потполни. Многу мала е разликата да се соопштува податок за одјави по основа на М1 и М2 од Агенција за вработување, без да се спореди со пријавите и со истиот период од минатата година.
Вака денеска министерката за финансии Нина Ангеловска одговори на новинарското прашање дали е точно дека во март годинава отказни решенија добиле 20.000 граѓани, наспроти 1.900 лица како што покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.
Ангеловска напомена дека актуелната ситуација сериозно, но и реално се согледува. Затворање на одредени работни места се очекува, но и се презема се за тој ефект да биде минимизиран.
-Најновите податоци во овој момент ги немам, но Агенцијата за вработување ги има и може да ги сподели. Важно е дека ако сме одјавиле 20.000 лица, а биле пријавени 16.000, се работи за нето ефект кој треба да биде погледнат од пријавени и одјавени лица. Ако истиот тој период и истите бројки се споредат со лани, трендот е дека се бележи одредено намалување на бројот пријавени наспроти одјавени. Мораме на оваа сериозна ситуација да и пристапиме со доза на реалност. Дали е нормално да очекуваме дека ќе има и одредени затворања на работи места – да, дали преземаме се за тој ефект да биде минимизиран за што помалку луѓе бидат одјавени и за што повеќе луѓе да го задржат своето рабтно место – апсолутно да. И тоа се прави системски, со сетови на мерки за да биде побрза фазата на реално опоравување, нагласи министерката.
Според неа, многу е потешко компанија со 20 или 50 вработени, а камоли со над 100 вработени, која инвестирала во луѓето, да ги отпушти, за потоа повторно да бара кадар
-Затоа се важни сите мерки што ги преземаме и дека се во насока на заштита на работните места, но и дека сме реални, дека знаеме дека ќе има такви кои ќе го загубат работното место. Но, и за нив има решение – прво да бидат згрижени, да им биде обезбеден надоместокот за невработеност, а пота и брзо да се вратат на работното место кога ќе почне фазата на опоравување, рече Ангеловска.
За транспарентноста на оваа Влада, дополни, говорат сите активности кои досега беа преземени. – Само откако сум јас дојдена, беа лансирани три алатки за транспарентност, подвлече министерката.
Таа претходно, на прес-конференцијата во Владата, информираше за новата кредитна линија за бескаматни кредити преку Развојната банка. Соопшти дека од среда, 29 април, микро, малите и средните компани од сите дејности, погодени од кризата, ќе може да аплицираат за втората линија бескаматни кредити „КОВИД-2″, вредна осум милиони евра.
Средствата се обезбедени преку компензациските јапонски фондови, а ќе се реализираат преку Развојната банка. е . Ова е дел од вториот сет антикризни мерки за подршка на фирмите и граѓаните.
Како што рече Ангеловска, првата линија бескаматни кредити, „КОВИД-1″, изнесуваше 5,7 милиони евра и беше наменета за најпогодените три сектори: туризам, транспорт и угостителство. Досега по однос на оваа линија се одобрени апликации на 254 компании во износ од 2,2 милиона евра во кои работат околу 3.000 лица. – Но, интересот за бескаматните кедити е многу поголем, мерката доаѓа во вистинско време, напомена министерката Ангеловска.