Бајден: Трамп ќе се обиде да ги одложи изборите

Џо Бајден, демократски кандидат за претседателските избори во САД кои треба да се одржат на 3 ноември, смета дека Доналд Трамп ќе стори сé за да ги одложи изборите и со тоа да ги зачува своите шанси за победа.

„Запомнете што ви велам, мислам дека ќе се обидат да ги одложат изборите на овој или оној начин и да најдат причини истите да не се одржат“, рече Бајден вчера на настан за собирање донации преку интернет.

Поранешниот потпретседател на САД, кој има 77 години, смета дека Трамп може да победи само на овој начин.

Поради пандемијата на Ковид-19, од која во САД починаа 50.000 луѓе, а без работа останаа 26,4 милиони, патот до победата се чини потежок отколку што предвидуваше Трамп, кој досега можеше да смета на добрите економски показатели и верната база на гласачи.

Коментирајќи ја неодамнешната закана на Трамп дека ќе стави вето на вонредното финансирање за Американски пошти, Бајден рече дека тоа покажува оти претседателот има намера да стори сé за да го отежни гласањето.

Американските гласачи кои не се во можност да излезат на гласање, можат да го испратат своето гласачко ливче по пошта пред или по денот на изборите, што помага да се спречи ширењето на вирусот. Но, Трамп смета дека тоа ја зголемува можноста за измама.

Десетици американски држави ги одложија демократските предизбори на кои и официјално треба да се потврди демократскиот претседателски кандидат.

Треба да знаете
Последни објави