Том Хенкс (63) е еден од првите познати актери што објави дека е заразен со коронавирус. Тој редовно ги известуваше обожавателите за својата состојба. На крајот оздраве и се чувствува добро.
Покрај тоа, тој испратил подарок за еден од обожавателите, пишува „Мирор“. Станува збор за момче од Австралија, чие име е Корона, поради што го исмевале неговите врсници. Кога дознал дека Том и неговата сопруга Рита (63) биле заразени со коронавирус, тој им испратил писмо и им посакал брзо оздравување. Во писмото исто така тој се пожалил дека е етикетиран во училиштето поради името.
„Си го сакам моето име, но на училиште ме нарекуваат коронавирус. Јас сум многу тажен и лут кога луѓето ме нарекуваат така“, напишал тој. Хенкс се сетил на него и му пратил машина за пишување од брендот „Корона“.
Покрај тоа, тој му напишал и писмо на момчето.
„Мислам дека оваа машина за пишување ќе ти одговара. Поради твоето писмо, јас и мојата сопруга се чувствувавме прекрасно. Ти благодарам што беше толку добар пријател. Пријателите прават нивните пријатели да се чувствуваат добро кога се на дното. Те видов на телевизија. И покрај тоа што се вратив во Америка и сега сум целосно здрав, сепак се чувствувам подобро поради твоето писмо“, напиша Хенкс.
„Прашај ги родителите како работи оваа машина за пишување, па напиши ми уште едно писмо“, заврши актерот.