Владата на седница донесе уредба со која се утврдува можност за донирање на остварениот поврат од данокот на додадена вредност за кој физичкото лице има право преку проектот „МојДДВ“ во Буџетот на Република Северна Македонија поради справување со последиците предизвикани од коронавирусот.
„Физичките лица корисници на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка изготвен во мобилна верзија ќе имаат можност да изберат да го донираат остварениот износ од данокот на додадена вредност за кој имаат право на враќање. За остварениот износ за поврат на ДДВ во првото тримесечје во оваа година, граѓаните ќе имаат можност да изберат опција за донирање на дел од данокот на додадена вредност за кој имаат право на враќање, најдоцна до 5 мај 2020 година“, соопшти Владата.