Социјалниот дијалог што го води ССМ дава резултати. Прифатени се барањата за исплата на надоместоците и додатоците на вработените во јавниот сектор, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во врска со владината одлука од 46. седница.
Притоа потенцира дека потребата од Синдикатот и колективните договори се потврдува во најтешките моменти за работниците.
-Важно е да сме синдикално организирани и тогаш ќе можеме заедно да предвидиме со колективните договори и поголеми права од оние утврдени со закон и нема да дозволиме еднострано непочитување на нашите работнички права, наведува ССМ.
Синдикатот потсетува дека Владата покрај другото донесе и дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба се утврдува дека ограничувањата важат за месеците април и мај и во членот 2 се додава нов став која определува дека на вработените од јавниот сектор на кои им се исплатува плата согласно закон и колективен договор, правото на додаток за работен стаж, додаток за ноќна работа, надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест или повреда, надоместок на плата поради користење на годишен одмор, надоместок на плата за ден на државен празник и неработен ден утврден со закон, одвоен живот од семејството (освен за пратениците), надоместок на трошок за смрт на работникот или член на неговото семејство, отпремнина при заминување во пензија, го остваруваат и се исплаќа и за време на траењето на вонредната состојба за месец април и мај, наведува ССМ.