Дац и Митевски: Песната “Корона Чао” чекаше во фиока повеќе од еден месец и си го дочека моментот

Александар Митевски и Драган Спасов Дац, дуо за кое се зборува многу во време на карантинот, се следат нивните настапи на интернет и се ужива од страна на публиката. Одлична спојка на познат актер и пејач, музичар и продуцент, тие се првенствено добри забавувачи, знаат да запејат секакви песни и да “ги извадат од нафталин”. 24инфо разговараше со нив и побара да ни објаснат од каде идејата за сево ова?

Мило ни е што навистина стекнавме голема публика по социјалните мрежи и истата е задоволна од нашите избрани песни.Идејата е пред се, да бидеме активни, да го исполниме карантинското време, како на публиката така и нашето. Нашиот таргет на публика е навистина широк ( следи и старо и младо 😊) и според коментарите што ги добиваме навистина на народот му недостасува вакво нешто во овие времиња. Се покажа дека оваа форма на стари песни евергрини, преработки, дуети и комбинации со повеќе луѓе, носталгија и спомени – го стопли срцето на многу луѓе. И затоа не ни е тешко и напорно, туку напротив, со голем мерак го правиме тоа за нашата публика.

Ги “урнавте” социјалните мрежи со вашата најнова преработка на Бела Чао, во ваша карантинска верзија “Корона Чао”. За неполни 35 часа таа веќе има 400.000 прегледи на Youtube, се слуша регионално на Балканот, како и тоа дека е хит во дијаспората. Во колата ве слуша дури и бугарскиот премиер Борисов кој објави видео од тоа. Во што е феноменот на “Корона Чао”?

“Корона Чао” стана навистина феномен, спонтано и без претензии да биде тоа што е денес. Тоа беше наш облик на духовит револт од карантинот и целата ситуација која не засега сите, а и насекаде низ светот. Па затоа сите се пронајдоа во неа, без разлика на јазик и географија. Се изненадивме навистина од видеото на Борисов и тоа е доказ дека музиката и песните можат да обединуваат, кога во нив се третираат теми кои не засегаат сите.

Песната веќе подолго време тлееше во нас, ние текстот го напишавме пред повеќе од еден месец во карантин, само се чекаше на финална реализација со дувачкиот состав Брастет Скопје. Снимањето и видеото се направија во еден ден. Чекавме малку да стивне првиот бран и намалување на мерките за да може да ја промовираме. Нашите пријатели и фанови не поттикнуваа да направиме песна против Корона која ќе обединува, која ќе биде оптимистичка и ќе го дигне духот на народот во овие времиња. Од нив добивме почетен тригер идеја во март, да направиме песна за “Корона чао” или враќање во нормала на нашите животи, па заедно со нив ја избравме оваа светски популарна песна “Бела Чао” која е химна на отпорот и химна на ослободувањето. Па од фиока песната си дочека своја шанса после првите мерки на олабавување од Министерството за здравство и многу ни е драго што се обнароди. Ова е секојдневен муабет на секој од нас, можеби не измисливме топла вода, но на народот му направивме да му е убаво и полесно.

Овој месец имате свој јубилеј, една година од постоењето на ова дуо и ваша музичка соработка. Како дојде тоа?

Првичната идеја потекна од Григор Копров, кој што две години не убедуваше да направиме песна и да ја отпееме на “Охридски трубадури”. Направивме и така започна нашата прикаска. Прво направивме една забава во кафуле кај наши пријатели и потоа почнаа да не бараат и други кафулиња за да правиме евергрин журки. Веднаш почнавме со правење и на наши авторски песни како “Цреши охридски”, “Уште ми фалиш”, ”Љуби ме”, па потоа и преработки како “Ангелина”, “Љуби ме” и “Главата горе” и последната “Корона чао”. Публиката и пријателите се нашиот двигател и од нив го добиваме оној фидбек кој постојано не држи во креативен набој.

Колку настапи имате досега откако се појави кризата со пандемијата и колку следбеници има вашето дуо?

На 16 Март, додека сеуште немаше полициски час, направивме една видео седенка, музичка ТВ форма која директно одеше на социјалните мрежи и траеше 120мин. Тоа први го направивме во земјава, па дури и пошироко. Од тогаш секој ден постираме по една наша нова испеана песна, без разлика дали е тоа наша песна, преработка или комбинација со наши колеги. Ги слушаме нашите фанови и ги исполнуваме нивните желби, како на пример да ја слушнат “Уште ми фалиш” на италијански, отпеана со нашиот познат тенор Благој Нацоски од Џенова, Италија.

Што е следно што се подготвува?

https://www.facebook.com/dac.aleksandar/videos/240630500636265/

Ние веќе сме со планови на дневна основа и имаме повеќе идеи. Следно е да престане ова лудило и да се вратиме на нормалниот живот. Имаме некои идеи за нови песни и најважно од се е да се заврши започнатата претстава во Драмски театар “Хипноза на една љубов”, во која што главна улога игра Дац, а музиката е на Александар. И секако, да можеме да им се вратиме на нашите евергрин журки кои народот ги бара, особено откако ќе заврши оваа пандемија. Тоа тет-а-тет дружење со нив ќе биде нешто навистина посебно.

Како ги поминувате карантинските денови, како ви се одвива соработката, се гледате ли повремено и дали според препораките?

https://www.facebook.com/dac.aleksandar/videos/210235263611521/

Па како што забележувате , карантинските денови ги поминуваме работно и креативно, за тоа што песните што ги постираме не може сами да се направат. Се гледаме од време на време, а комуникацијата е главо преку нет. Во моментите кога снимаме заедно, се придржуваме кон препораките и им препорачуваме на луѓето да седат дома и да ги следат препораките како нас.

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави