Каде е Ким Џонг Ун? Еве што знаеме досега

Медиумите последен пат на 11 април објавија вест за таинствениот водач на Северна Кореја, што доведе до шпекулации за неговото здравје.

Се вртат гласини околу здравјето на врховниот лидер на Северна Кореја Ким Џонг Ун, по неговото забележливо отсуство од државните медиуми, официјалните соопштенија и јавните настани во последно време.

Наследниот лидер од трета генерација што дојде на власт по смртта на неговиот татко во 2011 година нема директен наследник и не е јасно кој би ја водел оваа нуклеарно вооружена нација во случај на негова онеспособеност.

Шпекулациите содржат и теорија дека контроверзниот лидер се изолирал од страв од коронавирусот или дека страда од сериозна повреда или болест, вели Ал џезира.

Иако нема веродостојни информации дека Ким починал, последниве денови тренд на социјалните медиуми е хаштагот #KIMJONGUNDEAD.

Ким, за кој се верува дека има 36 години, и досега знаеше да го снема од вестите на државните медиуми во Северна Кореја, особено во 2014 година, кога исчезна на повеќе од еден месец. Подоцна севернокорејската државна телевизија го покажа како шета поткуцнувајќи.

Специјален воз што веројатно му припаѓа на водачот на Северна Кореја беше забележан оваа недела во едно одморалиште во земјата, според сателитски слики што ги добил вашингтонскиот мониторинг-проект 38 Норт за набљудување на Северна Кореја.

Групата во својот извештај во саботата соопшти дека возот бил паркиран на „лидерската станица“ – резервиран за потребите на семејството Ким – во Вонсан на 21 и 23 април.

Еве што знаеме досега за тоа каде се наоѓа Ким.

 

Кога последен пат беше виден?

Севернокорејските државни медиуми последен пат објавија вест за Ким кога тој претседаваше на еден состанок на 11 април.

Четири дена подоцна, Ким беше отсутен од роденденот на основачот на Северна Кореја, неговиот дедо Ким Ил Сунг, на 15 април.

Чеонг Сеонг-Чанг, директор на Центарот за севернокорејски студии на Институтот Сеџонг во Јужна Кореја, за Њујорк тајмс изјави дека тоа што Ким не се појавил во мавзолејот на неговиот дедо за време на годишнината е „незамисливо“ во земјата, опишувајќи го како „најблиското нешто до богохулење на Северот“.

Во последните неколку дена Ким не се споменува во официјалните соопштенија, додека државните медиуми допрва треба да објават фотографии од лидерот како го надгледува ракетниот тест на 14 април, како и секогаш.

Сепак, во саботата, официјалната корејска Централна новинска агенција (КЦНА) објави дека Ким добил порака со поздрав од претседателот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Руската Федерација по повод првата годишнина од самитот на Ким со рускиот претседател Владимир Путин.

 

Што велат извештаите?

Во понеделникот, Дејли НК, веб-страница базирана во Сеул, која известува за Северна Кореја, цитираше еден неименуван извор во земјата што вели дека на Ким му била извршена операција во одморалиштето во Хиангсан северно од главниот град Пјонгјанг. Изворот рекол дека Ким закрепнува откако на 12 април бил подложен на кардиоваскуларна операција, која била неопходна поради страсното пушење, дебелината и заморот.

Набргу потоа, Си-ен-ен, повикувајќи се на висок американски функционер што ја познава ситуацијата, објави дека Ким е во „сериозна опасност“, тврдење што беше побиено во извештај на новинската агенција Ројтерс, која се повика на извори од јужнокорејската влада.

Во меѓувреме, Ројтерс, повикувајќи се на три лица запознаени со ситуацијата, рече дека Кина, близок сојузник, испратила тим во Северна Кореја, во кој и медицински експерти, за да дадат совети за Ким.

Новинската агенција, исто така, цитираше функционер од администрацијата на Трамп што рекол дека постојаното отсуство на Ким од севернокорејските медиуми ја зголемило загриженоста за неговата состојба.

Од извештајот на НК Дејли, повеќе јужнокорејски медиуми цитираа неименувани извори што рекле дека Ким можеби престојува во областа Вонсан.

Во петокот, локалната новинска агенција Њузис цитираше јужнокорејски разузнавачки извори дека во Вонсан е забележан специјален воз за потребите на Ким, додека приватниот авион на Ким останал во Пјонгјанг. Њузис објави дека Ким можеби се засолнил од ковид-19, респираторно заболување предизвикано од новиот коронавирус.

 

Што велат другите земји?

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот ги отфрли информациите дека Ким е болен.

„Мислам дека информациите не се точни“, им рече Трамп на новинарите, но одби да каже дали имал контакт со севернокорејските власти.

Трамп трипати се сретна со Ким во обид да го убеди да се откаже од програмата за нуклеарно оружје што е закана за Соединетите Држави, како и за нивните азиски сојузници.

Јужна Кореја во вторникот исто така не му придаде значење на отсуството на Ким, велејќи дека не откриле „никакви посебни знаци“ во Северна Кореја, изјава што оттогаш неколку пати ја повторија.

Треба да знаете
Последни објави