Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција соопшти дека од почетокот на епидемијата со коронавирусот не дискутирале за одржување на избори. Смета дека е премногу рано да се зборува за дополнително олабавување на мерките и за организација на настан, како што се на пример изборите.
– Во ниеден момент од почеток на епидемијата заради тоа што и тогаш беа актуелни изборите, па се одложија, не сме го дискутирале ова, ниту пак сега го дискутираме. Се уште сме фокусирани на борба со епидемијата. Вака како што се поставени работите во овој момент како сметаме дека значително се растегна епидемиолошката крива. Се уште сме во фаза во која што сите капацитети и болнички во нашата земја, на матични лекари исто така се на еден начин во приправност, во смисла на тоа и одложување на хроничните случаи итн. Заради тоа што тргнавме од оние најцрни сценарија што ќе биде ако ни се случи нешто што се случи во Италија или во одредени делови на Шпанија, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Во овој момент, како што рече, ситуацијата е апсолутно иста, се уште е целокупниот здравствен систем со онаа одлука – наредба за мобилизација по потреба било кој вработен здравствен работник да може да биде ротиран на кое било инфективно одделение или таму каде што ќе кажеме дека треба да се лекуваат овие пациенти, се уште го следиме бројот на случаи.
– Мислам дека ова се одлични резултати, но исто така сметам дека е премногу рано да зборуваме за какво било друго дополнително олабавување на мерките и согласно на тоа каква било организација на настан, како што се на пример изборите. Еве, фокусирани сме на тоа како сега се почитуваат мерките. Па фокусирани ќе бидеме овие ден до два како ќе биде организиран следниот викенд. Значи, апсолутно рано е се уште да предвидиме било што такво, посочи Филипче.