Администрацијата на претседателот Доналд Трамп разгледува можност за оставка на министерот за здравство Алекс Азар, соопшти синоќа „Политико”, повикувајќи се на свои извори.
Според изданието, на негово место може да дојдат координаторот во Администрацијата за борба со коронавирусот, Дебора Биркс, раководителот на државната здравствена помош Медикеар, Сима Верма, или првиот заменик во министерството, Ерик Харган.
Од прес службата на министерството за здравство демантираа дека се спрема таква оставка.
-Министерството за здравство и социјални служби раководено од Азар продолжува со работата на приоритетните правци посочени од претседателот. Неодговорно е кога се шпекулира за кадровски смени и се дефокусира вниманието од државната борба со Ковид-19, соопшти Џад Дир, од прес службата на министерството.
САД се светско жариште на пандемијата на коронавирус.
Според последните информации, во земјата се забележани над 940.000 заболени, или речиси една третина од вкупниот број на инфекции на светско ниво. Додека од коронавирусот починале над 54.000 лица, или повеќе од една четвртина од вкупниот број на починати во светот.