Анестеолозите и инфектолозите кои работат на одделите за интензивна нега прават апсолутно се што треба и што може за третман на пациентите со тешка клиничка слика кои се ставаат на респиратори, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Одговорајќи на новинарски прашања на видео прес-конференцијата, Филипче напомена дека се анализираат и се следат објавените публикации во реномираните стручни списанија кои укажуваат дека смртноста во вакви случаи е многу голема, споредни едни над 80, а според други трудовии и над 90 проценти, но секој има свои искуства – секоја земја, секој центар.
-Можам одговорно да кажам дека во рамки на соработката меѓу анестеолозите, колегите инфектолози кои работат во Одделот за интензивна нега се прави апсолутно се што треба и што може да се направи за третман на овие пациенти. Целокупната терапија, целокупниот пристап, целокупното лекување, еве во вторник се вади и првата плазма од пациент, се направија анализи изминатата недела. Не постои, за жал, магичен лек за оваа болест никаде во светот. Повеќе опции, повеќе комбинации на лекови, така што во таа смисла станува збор за пациенти кои се со навистина тешка клиничка слика, потенцира министерот.
Пациентите кои се стваат на респиратори имаат тешка форма и манифестација на болеста во која, како што рече Филипче, не страдаат само белите дробови, туку целиот организам и мозокот, црниот дроб, бубрезите и крвта. Поради тоа и смртноста е многу голема.
-Ние во рамките на ротацијата на лекари и во рамките на соработката помеѓу клиниките веќе го воспоставивме тој систем уште на почетокот – колеги анестеолози исклучително искусни да помогнат во третман на овие пациенти и во болницата „8 Септември” и во општата болница и на Инфективната клиника дојде и уште еден наш колега кој долги години работи во Универзитетската болница во Марибор во сферата на кардиологија, меѓутоа со искуство за третман на пациенти на респираторна машина, информира минисетрот Филипче.