Детектор анкета: Граѓаните сметаат дека нема шанси да се вработат во јавниот сектор без
партиска книшка
Осум од десет граѓани сметаат дека македонскиот јавен сектор е партизиран, покажува најновото
истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје.
Според него, 80% од граѓаните сметаат дека јавниот сектор е партизиран додека само 8,2%
сметаат дека не е.
41,5% од анкетираните сметаат дека никогаш нема да може да се вработат во јавниот сектор без
партиска книшка, а 21,8% сметаат дека тоа е малку веројатно. Мали шанси понекогаш тоа да се
случи гледаат 15,2% од анкетираните додека само 7,2% сметаат дека воопшто не е потребна
партиска книшка за работа во државна служба.
Помалку од една четвртина или 22,3% сметаат дека вработените во јавниот сектор професионално
ги завршуваат своите обврски додека над половина од анкетираните или 55,1% се на ставот дека
вработените се ангажирани главно за спроведување на партиските интереси.
Во споредба со ситуацијата од пред 5 години, мнозинството граѓани сметаат дека степенот на
партизираност на администрацијата е зголемен. Ваков став имаат 35,6% од анкетираните, додека
30,6% сметаат дека нема некоја промена. Само 15,2% од анкетираните сметаат дека степенот на
партизираност на јавната администрација е намален.
Во споредба со државите од регионот, граѓаните сметаат дека Македонија е тука некаде кога
станува збор за партизираноста на јавниот сектор. Ваков став имаат 35,4% од анкетираните. Висок
е и процентот на они кои сметаат дека Македонија има попартизирана администрација од земјите
во регионот. Таков став имаат 32,4 од анкетираните додека само 9,4% сметаат дека
партизираноста во Македонија е помала во споредба со земјите од регионот.
Две третини од анкетираните или 66,5% сметаат дека партиите по изборите работат повеќе за
личен отколку за интересот на граѓаните и државата, додека спротивен став имаат само 16,4% од
анкетираните.
За да се зголеми квалитетот на услугите во јавната администрација најголемиот дел од граѓаните
или 27,7% сметаат дека треба да се зголемат критериумите за вработување и да се засили
контролата на работата. 27,4% од граѓаните се на ставот дека квалитетот на услугите ќе се подигне
со казни и санкционирање, 14,3% со зголемување на платите, 9,7% со дигитализација на услугите а
8,2% со зголемување на бројот на вработените.
Но и покрај ваквата перцепција, мнозинството граѓани кога би можеле да одберат би се вработиле
во јавниот сектор пред приватниот.
41% од анкетираните кога би можеле да одберат би се вработиле во јавен сектор а само 36% во
приватниот.
По започнувањето на преговори со Европската Унија, 35.8% од анкетираните сметаат дека
партизираноста на јавниот сектор ќе остане иста, 32,6% очекуваат намалување, а 11,7%
зголемување.
Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје преку телефонска анкета во периодот од 10 до 13 февруари оваа година врз
репрезентативен примерок од 1104 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.