Српскиот епидемиолог Предраг Кон вечерва кажа дека по ограниченото движење во текот на претстојниот викенд, долг полициски час во Србија повеќе нема да има.
„Мислам дека пред себе немаме уште еден полициски час од 24 часа, мислам дека тоа е готово со следниот викенд“, рече Кон.
Тој додаде дека меѓу епидемиолозите сè повеќе се расправа за мерките за ограничување за движењето во текот на целиот ден.
„Прво ќе се пребројат бројот на денови во кои што имало 24-часовна забрана, па ќе се спореди со бројот на починати во светот каде немало такви забрани, значи ќе се спореди бројот на изгубени денови со бројот на спасени животи“, рече Кон за телевизија „Пинк“.
Владата на Србија донесе одлука за забрана за движење која ќе почне од четврток, 30 април, во 18 часот, а ќе трае до понеделник, 4 мај, во 5 часот наутро.
Одлуката за подолг полициски час е донесена поради празникот 1 мај и има за цел да ги намали социјалните контакти.
Во Србија се потврдени 8.042 случаи на коронавирус, а бројот на починати е 156. Излекувани се 1.182 лица.