Спасовски: Голема благодарност за помошта од ЕУ, заедно ќе го победиме коронавирусот

Премиерот Оливер Спасовски преку статус на својот Фејсбук профил изрази благодарност за помошта што ја добива земјава од ЕУ за справување со коронавирусот.

Денес, кога светот е соочен со глобалната пандемија, наведува Спасовски, ЕУ на најдобар можен начин ја покажува својата солидарност и покажува дека заедно можеме да се соочиме со овој предизвик и да го победиме.

-Голема благодарност за помошта која ја добиваме од Европската Унија, којашто е многу важна и суштинска во овие тешки времиња на заедничко справување со коронавирусот. Помошта од ЕУ во висина од 4 милиони евра е наменета за набавка на специјализирана медицинска опрема и заштитна медицинска опрема, а која вклучува респиратори, вискоквалитетни FFP2 заштитни маски, опрема за интензивна нега, тестови и друга неопходна медицинска опрема за зајакнување на капацитетите на нашето јавно здравство, наведува Спасовски.

Според него, со помош на ЕУ, нашите здравствени работници ќе добијат и ракавици, визири, заштитни наочари, маски и други заштитна опрема.

-Склучивме посебен договор со ЕУ за заеднички набавки на медицинска опрема, што ни овозможува побрзо и поефтино да ја набавуваме целата медицинска опрема која ни е потребна, и тоа под исти услови и според истите стандарди како и земјите членки на ЕУ. Како земја-партнер на ЕУ, преку инструментот за цивилна заштита на ЕУ, ни беа доставени генератори, шатори, ќебиња, јоги за кревети и средства за дезинфекција и одржување на хигиена. Освен тоа, треба да се подвлече дека ЕУ ни донираше и:
3 милиони евра за поддршка на буџетот,  9 милиони евра директна поддршка за мали и средни претпријатија, која ќе се операционализира во следните месеци, 40 милиони евра за мали и микро претпријатија и за мерки за активно вработување, кои ќе бидат на располагање по летото, како и
10 милиони евра за дополнителни медицински и итни потреби, доколку имаме потреба за тоа, пишува премиерот.

Потсетува и дека пред само неколку дена, на 22 април, Европската комисија им предложи на ЕУ Советот и на Европскиот парламент, да обезбедат макро-финансиска поддршка од 160 милиони евра за да имаме посилни финансиски капацитети за справување со последиците од коронавирусот.

-ЕУ и земјите членки на ЕУ се нашите наблиски партнери и поддржувачи, од независноста до денес. Денес, кога светот е соочен со глобалната пандемија, ЕУ на најдобар можен начин ја покажува својата солидарност и покажува дека заедно можеме да се соочиме со овој заеднички предизвик и да го победиме. Заради тоа, ЕУ ќе ја има нашата благодарност, но и посветеност во исполнувањето на институционалните стандарди на Унијата. Заедно ќе ја победиме опасноста од коронавирусот, ќе ги надминеме последиците, и ќе го забрзаме нашето интегрирање во Европската Унија. Ќе го направиме тоа, бидејќи е добро за сите граѓани на Северна Македонија. Бидејќи тоа е добро за ЕУ, истакнува премиерот Спасоовски во својот фејсбук статус.

Треба да знаете
Последни објави