Второнаградени на конкурсот се Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Сторијата разоткрива злоупотреби од страна на пратениците од внатрешноста на земјата, при изнајмувањето станови во Скопје, платени од буџетот.
Катерина Спасовска Трпковска и Бранислав Закев ја освоија третата награда за анимираната видео-сторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“. Преку истражување на јавните набавки на 15-те институции со најголеми буџети во период од 2015 до 2018 година, како и на ревизорските извештаи, новинарите обелоденуваат бројни неправилности, злоупотреби и неоправдани трошења на јавни пари.
Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска Спасовска за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“, објавена на интернет-страницата на „Радио Слободна Европа“, на Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче Веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска, за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).
МИМ по 19-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Годинава, поради ситуацијата со коронавирусот, традиционалната свеченост за доделување на наградите нема да се одржи.