Градоначалникот на Прага се сомнева дека руски агенти сакаат да го убијат

Градоначалникот на Прага, Зденек Хржиб, е под полициска заштита, јави Би-би-си, откако во медиумите се појавиле информации за заговор за атентат врз него.

Хржиб официјално одбил да каже зошто е под полициска заштита, но изјавил дека пријавил во полиција дека го следат.

Чешкиот весник „Респект“ шпекулира дека наводно руски агент, кој поседува отров рицин, допатувал во земјата пред три недели. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ги отфрли обвиненијата како лажни.

Ниту чешката полиција, ниту политичарите не потврдија дека има заговор за убиство на Хржиб.

Градоначалникот на чешката престолнина неодамна ја поддржа одлуката за промена на името на плоштадот пред руската амбасада, односно истиот да се именува според убиениот руски опозициски лидер Борис Немцов.

Во Прага, исто така, месецов беше отстранета статуа на советскиот херој од Втората светска војна, Иван Конев.

Хржиб за Би-би-си на руски јазик изјавил дека не може да каже зошто е под полициска заштита, но изјавил дека тој до надлежните органи пријавил оти забележал дека го следат во близина на неговата куќа и повеќе пати ја видел истата личност.

Треба да знаете
Последни објави