За 25 проценти се зголемени повредите на работа во 2019 година во однос на претходната година. Најмногу повреди на работа се регистрирани во индустријата и рударството, покажува анализата на Институтот за јавно здравје за состојбата на повредите на работа.
Според анализата каде се обработени податоци од пријавите за повреда на работа и индивудуланите извештаи кои Институтот за јавно здравје ги добива преку центрите за јавно здравје, минатата година се забележани вкупно 1.121 повреди на работа.
Во индустријата и рударството се забележани 309 повреди или 27,6 проценти од вкупниот број на регистрирани повреди во земјава. Следуваат повредите на работното место на вработените кај приватните работодавачи и лица кои вршат самостојна професионална дејност со 179 повреди, а на трето место се вработените во здравството и социјалната заштита со 130 повреди на работа.
Повеќе има повредени работници од машки пол, односно 689 или 62 процента од сите повреди се регистрирани кај работниците, а 423 или 38 проценти кај работничките.
Имајќи предвид дека најголема концентрација на работна сила има во Скопје, најмногу повреди на работното место се регистрирани токму тука (746), по што следуваат Битола, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Неготини и Свети Николе.
Според добиените податоци, во текот на минатата година не се регистрирани смртни случаи поради повреда на работа.
Денес се одбележува Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, но тој за првпат годинава е во знакот на пандемијата со коронависурот.
Оттука, од Сојузот на синдикати на Македонија бараат подобрување на условите за работа на сите работници ангажирани и изложени во овие исклучително тешки моменти, вложување во безбедност и здравје при работа и инвестиции во здравствениот сектор.
– Епидемијата на коронавирусот „ КОВИД-19″ ни покажа колку сме ранливи и колку опасна може да биде по животот и здравјето на работниците и луѓето, како и колку опасна може да биде за економијата. На Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа -28, април, акцент ставаме на здравствените работници, работниците во полицијата, армијата, комуналните работници, транспортот, трговијата, производството, градежништвото, во прехранбената, текстилната, хемиската индустрија и многу други кои секојдневно извршувајќи ги своите работни задачи се изложуваат на ризик од заразата или пак нејзино ширење, а со тоа ги доведуваат во опасност и ги изложуваат и своите семејства, велат од ССМ.
Се залагаат за препознавање на КОВИД-19 како професионално заболување и обезбедување на обука за тоа како се лекува, вклучување на работниците и нивните претставници во процената на ризикот и преземање на соодветни мерки за спречување на вирусот, спречување на губење на приходите на работниците поради намаленото работно време, секојдневни тестови за сите работници кои не се чувствуваат добро и платено отсуство за работниците кои се привремено без работа или во карантин поради вирусот. ССМ апелира и на создавање услови за физичко растојание на работното место и редовна дезинфекција на работните простории.