Нормандиската четворка ќе одржи видеоконференција на 30 април

Средбата на министрите за надворешни работи од Нормандиската четворка (Русија, Франција, Германија и Украина) ќе се одржи во четврток преку видеоконференција, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, пренесува „Киив пост“.

Кулеба смета дека е неопходно министрите да разговараат бидејќи одлуките од самитот во Париз не се имплементираат.

„Треба да дадеме нов импулс на нивната имплементација за да се отвори патот до следниот самит во Берлин каде што ќе треба да се постигнат нови договори и да се придвижиме кон крајот на војната и деокупација на териториите“, објасни тој, додавајќи дека клучна цел на разговорот е да се проценат претходно постигнатите договори.

Кулеба појасни дека украинската страна забележува само еден позитивен резултат од претходната средба – размена на затворениците.

„Треба да ги утврдиме причини зошто другите области стагнираат, да подготвиме барем нацрт-решенија за постојните проблеми и да ѝ дадеме поттик на Трилатералната контакт- група за да може директно да се справи со деталните решенија и нивните имплементации” смета тој.

Според Кулеба, Киев е заинтересиран за одржување редовни состаноци на министрите за надворешни работи од Нормандиската четворка како и за рестартирање на интегрираниот механизам на Нормандиската четворка со сите свои елементи.

Во понеделникот, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, рече дека предвидува прилично важен разговор на ниво на министри за надворешни работи, но не очекува никакви резултати освен украинската страна да зборува за потребата што поскоро да се одржи самитот во Берлин .

Во исто време, Лавров истакна дека нема смисла да се одржи самит на Нормандиската четворка поради позицијата на властите во Киев кои го блокираат спроведувањето на одлуките од последната средба на лидерите на Нормандиската четворка.

Самитот на Нормандиската четворка се одржа во Париз на 9 декември, за прв пат по тригодишна пауза. Претседателите на Русија, Франција и Украина, Владимир Путин, Емануел Макрон и Владимир Зеленски како и германската канцеларка Ангела Меркел се собраа во Елисејската палата да разговараат за начините за решавање на конфликтот во Донбас.

Еден од резултатите на средбата беше одлуката страните во конфликтот да разменат затворениците врз основа „сите за сите“ пред крајот на годината. Учесниците на самитот се обврзаа да обезбедат целосен и сеопфатен прекин на огнот до крајот на 2019 година, и се согласија да го поддржат договорот постигнат од Контакт-групата за спогодба во источна Украина за три дополнителни области за повлекување на силите и оружјето во зоната на конфликт до крајот на март 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави