Англиските клубови го избраа 8 јуни за почеток на продолжението од сезоната

Англиската фудбалска Премиерлига е подготвена за продолжение на сезоната, откако клубовите го избраа 8 јуни како датум за одигрување на првите натпревари по повеќемесечната пауза поради коронавирусот. За в петок е закажан состанок на челниците на лигата со претставниците на клубовите, на кој се очекува да биде потврден датумот за старт.

Премиерлигата веќе издвоила над 4 милиони фунти за купување на тестови за Ковид-19 за лицата кои ќе бидат присутни на стадионите за сите натпревари до крајот на сезоната, решавајќи уште еден проблем со државните власти, се со цел што побрзо да се добие зелено светло. Прогнозата е дека на 18 мај ќе биде добиено зелено светло за групни тренинзи, во меѓувреме фудбалерите ќе работат индивидуално, а тие дваесетина дена, од 18 мај до 8 јуни ќе бидат искористени за подготовките пред продолжението на сезоната.

Планот е сезоната да се доигра во рок од осум седмици, односно да заврши најдоцна до крајот на јули, по што Премиерлигата за сезоната 2020/21 би можела да стартува во втората половина од месец август.

Треба да знаете
Последни објави