Папата Франциско повика на почитување на режимот на ограничено движење

Папата Франциско денеска повика на послушност кон мерките за ограничено движење само 36 часа откако италијанските епископи ја укорија владата поради одбивањето да дозволи црковни миси со верници, пренесува „Брејтбарт“.

„Во ова време кога се појавуваат индикации за излез од карантинот, се молиме Господ да ни ја даде благодатта на внимателност и послушност кон овие индикации, за да не се врати пандемијата“, рече понтифот во дневниот твит.

Доцна во неделата, Конференцијата на италијанските бискупи му упати строг прекор на премиерот Џузепе Конте за произволната одлука да се исклучи одењето в црква од активностите дозволени според новите правила за ограничено движење поради Ковид-19.

На прес-конференцијата во неделата, Конте рече дека според неговите нови правила, кои ќе стапат на сила на 4 мај, дозволени се само погреби со малку присутни, но не и црковни миси со верници или други литургиски служби.

Во своето коминике, епископите употребија невообичаено остра реторика, тврдејќи дека указот на премиерот произволно ја исклучува можноста за држење миса со верници, истовремено изјавувајќи дека „Црквата бара да може да се продолжи со својата пастирска работа“.

Епископите навидум дури и се заканија со непослушност кон правилата на владата кои ја газат верската слобода и ја потсетија владата на својата должност да прави разлика помеѓу нејзината надлежност и онаа на Црквата, истакнувајќи дека Црквата го организира животот на христијанската заедница во целост во рамките на сопствената автономија.

Епископите тврдат дека не можат да прифатат нарушување на слободата на верско обожавање, додавајќи дека верниците мора да добијат можност да се негуваат духовно, особено преку Црквата.

Одговорот на бискупите беше прифатен од многу католици, кои беа иритирани поради инертноста на своите пастори за време на мерките за ограничено движење. Кога италијанската влада минатиот месец донесе одлука дека светите тајни на причестувањето и исповедта ќе бидат третирани како „несуштински“, епископите останаа без коментар, што доведе до критики од католиците и петиција за враќање на мисата.

Треба да знаете
Последни објави