Ангеловска: Со мерката 14.500 денари финансиска поддршка може да се спасат илјадници работни места

Сите да бидеме реални, да ги перцепираме и презентираме работите како што навистина се. Мерката 14.500 денари поддршка по вработен може да спаси илјадници работни места, порача министерката за финансии Нина Ангеловска во објава на својот фејсбук профил, по реакциите од здруженија и синдикати во однос на новините за користење на мерката што таа ја претстави денеска на прес-конференција.

– Претставивме три клучни промени во мерката за поддршка на работодавачите 14.500 по вработен. Како што кажува и името на самата мерка таа е креирана да даде финансиска поддршка на работодавачите заради исплата на плати на работниците. Со мерката се помага и на работниците, на самовработените и на работодавачите – кои креираат работни места и сите заедно придонесуваат за економски раст и кои ќе треба да го премостат овој период и да бидат подготвени за фазата на оправување. А опоравување без работниците не е возможно, пишува Ангеловска.

Една од промените, прецизира министерката, се однесува кон фирмите кои добиваат средства под услов да го задржат бројот на вработени во корист на самите работници.

– Сепак за да тоа е во корист на работниците, фиримите треба да ја користат оваа мерка. Доколку тие не ја користат тоа ќе биде на штета на работниците, во услови на криза и драстичен пад на нивните приходите или целосно престанување на дејноста. Затоа го слушнавме гласот на угостителите, туристичкиот сектор и сите засегнати, ги увидовме проблемите и ги ограничивме компаниите со следното, а во корист на работниците како би се задоволиле двете страни. Финансиска поддршка од државата не може да користат работодавачи кои ќе отпуштат повеќе од 5% (големи), повеќе од 10% (средни) повеќе од 15% (микро и мали). Сите одлуки кои ги правиме се во насока и интерес на сите граѓани, работници, работодавачи и на стопанството, стои во објавата од Ангеловска.

Таа наведува неколку работи во однос на тоа што значи промената на условите во пракса.

– Фирмите кои отпуштиле повеќе од овие дозволени лимити во март, може да ги вратат работниците кои ги отпуштиле назад за да ја користат мерката. Во спротивно, нема да ја користат.

– Бројот на вработени кои треба да се задржи се однесува на СИТЕ работници – и на неопределено и на определено. Споредбата во бројот на вработени се прави во однос на бројот на вработени од март.

– Работодавачите имаат привремени работници на кои им истекуваат договорите – и во нормални услови нивниот работен ангажман би престанал. Ако немаат потреба и не можат да го задржат секако работникот кој свесно бил ангажниран на неколку месеци месеци или сезонски оваа флексибилност го адресира ова прашање.

– Има случаи каде што доаѓа до прекин на работен однос поради сезонски карактер, поради заминување на самиот вработен и слично. И тоа е земено предвид.

– Доколку не постои оваа флексибилност ризикот од отпуштање на поголем број работници е поголем во услови ако работодавачите не ја користат воопшто мерката. Значи се стимулираат и се овозможува компаниите да ги задржат работниците кои инаку би биле во ризик да изгубат работно место и дополнително да можат да исплаќаат редовни плати и во вакви услови или барем пристојни плати.

– Во оваа ситуација во која се наоѓаме важно е сите да бидеме реални, да ги перцепираме и презентираме работите како што навистина се. На крајот се поставува прашање – дали во сите овие случаи треба и на овие фирми, најголем дел микро, мали и средни, како и на нивните вработени, да им се укине можноста да аплицираат за мерката и да им се исплатат плати, како и да ги задржат вработените на своите работни места. Тоа се илјадници работни места, кои мерката може да ги спаси, пишува Ангеловска.

Треба да знаете
Последни објави