Парламентот оваа година нема да ја прекине работата за летната сесија и од сега до 31 јули имаме 26 закони што требаше да се донесат, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, објаснувајќи им на министрите дека до крајот на јули, е особено набиена законодавната агенда, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на олабавувањето на мерките од понеделник, Мицотакис рече дека е многу важно да се потенцира „смислата на колективна и комплетна одговорност”.
-Како што покажавме голема одговорност, како општество, во текот на овие два месеци и се прилагодивме на препораките на експертите, истото мора да го сториме и сега. Од една страна, да излеземе од дома и да бидеме безбедни е потешко, покомплицирано од тоа да останеме дома. Затоа потребно е, континуирано да ги повторуваме основните пораки за да можеме да гарантираме дека ова постепено враќање во новото секојдневие ќе биде колку што е можно побезболно и дека нема да постои некое принудно враќање назад, им рече Мицотакис на министрите од неговата влада.
И денешната владина седница, како и претходната, се одржа преку видео конференција, а Мицотакис, на почетокот на неговото обраќање изрази надеж дека ќе биде последна што се одржува на далечина и дека „на крајот од мај ќе се вратиме во нормала што ќе ни дозволи во живо да одржиме седница”.